Премиерот Христијан Мицкоски, на надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето, порача дека не треба вината да се бара кај граѓаните, туку во недостатокот на опции.
„Не треба да ги обвинуваат домаќинствата. Никој досега не им понудил вистинска алтернатива, а кога би имале – ситуацијата ќе беше поинаква“, истакна Мицкоски.
Тој најави дека Владата работи на неколку проекти за обезбедување алтернативи за затоплување, со фокус на централното греење. Моментално, само дел од Скопје има ваков систем, а во некои општини веќе се инсталираат гасни котли за јавните објекти.
„Нема далечинско централно греење за домаќинствата, па затоа граѓаните се приморани да палат сѐ – од фосилни горива, отпадни гуми, до стар мебел и масло. Решението е во инфраструктурни проекти и подигање на еколошката свест“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека се обезбедуваат субвенции за енергетски ефикасни котли, топлински и геотермални пумпи, а е во тек и процес за деблокирање на заем од Светска банка за реконструкција на јавни објекти.
„Многу проекти се започнати и уште повеќе ќе следуваат. Ова е нашата заложба за почиста и поздрава животна средина“, заклучи тој.