Мицкоски во Струмица: 20 години градот беше заробен од една фамилија, дојде време за промени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Струмица порача дека градот е подготвен за промени, по две децении, како што истакна, заробеност од една „фамилија“ и затворен круг на луѓе и фирми.

​„20 години Струмица чекаше на промени кои, еве, ви велам дека ќе се случат. Кога ве гледам во овој голем број, знам дека тука ќе победиме. А ќе победиме затоа што Струмица крева глава, се ослободува од стегите кои две децении ја заробија во она што се вика фамилија која го запоседна градот“, рече Мицкоски.

​Тој ја обвини власта дека ги заробила надежите и иднината на граѓаните, додека тие се богателе на грбот на струмичани.

​„Ја заробија во еден затворен круг на фирми, луѓе, поединци и бизниси кои живеат на грбот на струмичани. Тие станаа милионери, народот остана сиромашен. Тие градат згради во Дубаи, народот остана разочаран“, истакна Мицкоски.

​Според Мицкоски, од Струмица со години се воделе најголемите зделки што ја уништувале Македонија и политичките комбинации што ја оставиле државата заробена.

​„Ова е градот на гуруто на Филипче, човекот кој ја симболизираше целата таа мрежа на криминал, корупција и лични интереси“, рече тој.

​Мицкоски го критикуваше и кандидатот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека тој доаѓа во Струмица за да „земе инструкции од Заеви“, а не за да понуди визија.

​„Нè убедуваа дека ова е непобедливо упориште на СДСМ, дека тука нема промени. Но времињата се менуваат. Дојде денот кога тие ќе паднат, а народот ќе победи. Струмица ќе победи“, заклучи Мицкоски.