Премиерот Христијан Мицкоски го оправда потпретседателот на Владата, Арбен Фетаи, кој на новинарско прашање на македонски јазик одговори дека не е спремен да зборува македонски, и продолжи да одговара на албански јазик. Мицкоски објасни дека Фетаи сѐ уште го учи македонскиот јазик, бидејќи на шестгодишна возраст се иселил од земјата и живеел во Белгија.
„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски…“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека Фетаи имал врвно образование и дека неговата намера не била да ја дефокусира јавноста, туку дека навистина вложува голем труд за да го научи македонскиот јазик.
Мицкоски се извини за постапката на Фетаи, но рече дека единствената грешка била тоа што вицепремиерот не обезбедил преведувач. „Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач“, објасни тој.
Иако опозицискиот СДСМ побара разрешување на Фетаи поради непочитување на македонскиот јазик, премиерот Мицкоски не спомена таква можност.