Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Струмица одговори на обвинувањата од Венко Филипче дека тој е заштитник на олигархијата, враќајќи со критики за имотната состојба на раководството на СДСМ.
Мицкоски тврди дека тој во политиката влегол чесно, додека Филипче, според него, седнал „во скутот на неговиот гуру“.
„Со хациенда на Водно направена додека е министер, со партнерски зделки со неговиот гуру, кој со чиновничка плата – што како премиер, што како градоначалник – има империја тешка стотици милиони евра“, рече Мицкоски.
Тој праша како од едно просечно семејство се стигнува до милионите што ги имаат, посочувајќи дека одговорот е „разрушена држава и систем кој пропаѓа“.
„Темелите на овој дом се составени од надежите, мотивите и жртвата на илјадници луѓе кои се вградија во тие темели. И целото мое време го посветувам за да ја кренеме Македонија, ама не се залажувајте… дека заборавив за мигот што ѝ го направивте на државата“, порача Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на изборната кампања на СДСМ, особено на спотот каде што тегнат црвен кабел низ Скопје, поврзувајќи го раководството на СДСМ.
„Со право – кабелот е неизоставен дел од потсвеста на Венко. Човекот при здрав разум излезе и нè убедуваше дека кабелот бил виновен што модуларната болница изгорела. А не системот во распаѓање кој тие со години, а претходно со децении, го уништуваат“, изјави Мицкоски.
Тој му порача на Филипче дека „кабелот не може да биде никаква иднина“.
На крајот, Мицкоски ги обвини СДСМ дека не демантираат за врските и парите од Бугарија и предупреди дека „правдата да ве стигне“ и покрај тоа што тој е посветен на градењето на државните темели.