Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“ порача дека реформите во јавната администрација се клучни за развојот на државата.
„Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници“, истакна Мицкоски.
Промените се носат со дела, а не само со зборови
Премиерот нагласи дека Владата започнува со првиот циклус на генерички обуки со 600 учесници од локално и централно ниво, како јасен сигнал дека се подготвени да носат промени. Тој посочи дека јавната администрација, која во минатото била сведена на „политички плен“, сега ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните.
„Јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој ги повика сите министри, директори и градоначалници да ги поддржуваат ваквите програми, нагласувајќи дека ова не е трошок, туку најпрофитабилна инвестиција за државата.
На крајот, Мицкоски порача дека заедно може да се создаде јавен сектор кој ќе биде двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија.