Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека се надминати пречките за изградбата на третата фаза од железничката пруга кон Бугарија. Со оваа инвестиција, Македонија ќе стане крстосница на два важни паневропски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8.
Мицкоски нагласи дека Владата ја активирала техничката поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ), што подразбира ревизија на основниот проект и целосната документација. Потоа ќе следи јавен повик за изградба на третата фаза, со што ќе се комплетира делницата од Куманово до границата со Бугарија.
„Постигната е согласност со нашиот источен сосед… со ова Коридорот 8 ќе биде целосно исполнет“, изјави премиерот.
Дополнително, Мицкоски посочи дека и проектот за Коридорот 10, кој се реализира во соработка со Владата на Обединетото Кралство, напредува добро. Според него, овие проекти се „убави вести“ за Македонија.