Премиерот Христијан Мицкоски најави дека министрите во Владата ќе бидат на годишен одмор од 5 до 15 август, а веднаш потоа ќе бидат презентирани официјалните позиции на владината коалиција во однос на претстојните локални избори.
„Разговорите околу настапот на владината коалиција на локалните избори се исклучително конструктивни и се движат во позитивна насока. Очекувам по годишните одмори, некаде во втората половина на август, да излеземе со официјално соопштение за јавноста“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на меморандум за разбирање со турската компанија „Казанџи Холдинг АС“.
Според него, разговорите за настапот на коалицијата се веќе завршени, а моментално се вршат анализи за можните идни коалициски партнери. Сите детали, како што најави, ќе бидат познати по 15 август.