Мицкоски: Негирањето на македонскиот идентитет не е ново – ние нема да асимилираме, туку ќе исправиме

На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски упати остар одговор на прашањето на пратеникот од СДСМ, Трајчулевски, осврнувајќи се на историските и актуелни притисоци врз македонскиот идентитет.

Мицкоски потсети дека негирањето на македонскиот јазик и идентитет е долгогодишна пракса во некои кругови во Бугарија и дека тие обиди започнале уште од формирањето на бугарската држава, но безуспешно.

„Нема да ве вратам во времето на Батемберг, на егзархот Јосиф, кога се обидувале да го асимилираат овој дел од народот. Стигнале и до Крушево, но не успеале, и покрај тоа што потрошиле два буџета“, рече премиерот.

Тој ги обвини своите политички противници од СДСМ дека го прифатиле она што не успеало ниту во времето на Тодор Живков, ниту во комунистичка Бугарија.

„Вие тоа го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми зборувате? Она што беше неуспешно од страна на егзархијата, на Сталин, на Живков, вие го прифативте. Но, ние нема да го правиме тоа. Ние ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека во времето на СДСМ, според него, било „ерес“ да се зборува за македонскиот идентитет и јазик во меѓународни извештаи.

Со ваквите изјави, премиерот уште еднаш ја заостри реториката околу прашањата за националниот идентитет и вината за претходните политики ја лоцираше кај политичките опоненти.