Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека прислушувањето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не е само удар врз него и новинарите, туку врз демократијата, слободата и темелите на државата.
„Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека тој лично, како и новинари, бизнисмени и јавни личности, биле жртви на системот.
Тој вети дека нема да има селективна правда и дека ќе има одговорност и правна разрешница за овој случај. „Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“, истакна премиерот.
Мицкоски посочи дека Партнерството за отворена власт е заеднички одговор на Владата на ваквите проблеми.
„Таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата“, рече тој.
Според премиерот, овој пристап покажува дека Владата не бега од проблемите, туку активно работи на нивно решавање. Визијата е да се изгради држава со силни институции, модерна администрација, дигитални услуги и економија што расте.
„Наша должност е да создадеме систем што ќе биде транспарентен, праведен и ефикасен, систем кој ќе биде во служба на граѓаните и кој ќе го врати достоинството на јавниот интерес“, заклучи Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија стои цврсто на патот на реформите и европската интеграција.