Премиерот Христијан Мицкоски одби да ја објави целосната видео-снимка од средбата со родителите на трагично загинатите млади во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се одржа на 7 јули 2025 година во Владата. „Ве молам, болката е преголема и сите се уште ја чувствуваме. Таа тема да ја оставиме на политичките глодари и лешинари“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека сочувствува со семејствата, но ја отфрли можноста за објавување на снимката, наведувајќи дека „темата треба да остане меѓу оние кои навистина чувствуваат болка, а не оние кои бркаат ситни политички поени“.
На ова реагираше Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ од Кочани, кое бара објавување на целата видео-снимка. „Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме да ја објавите снимката за јавноста сама да се увери во вистината“, се вели во нивното соопштение.
Здружението тврди дека Мицкоски ги навредил родителите и ги обвинил дека нивните барања се идентични со оние на опозициската СДСМ, која поднесе законски предлог за помош на настраданите семејства. Наводно, премиерот им рекол и „да одредат деца за нивните деца“.
Од Владата ја потврдија средбата, но ја демантираа верзијата на родителите, посочувајќи дека атмосферата и содржината на разговорот биле сосема поинакви.
Темата останува отворена во јавноста, а повиците за транспарентност сè посилно одекнуваат.