Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Битола, одржан во рамки на кампањата за локалните избори, ја критикуваше опозициската СДСМ и нивниот слоган „се бориме за нашиот дом“.
Мицкоски посочи дека е фино што СДСМ излегува со таков слоган, но заборавиле дека токму тие управувале со „домот“ (Македонија) до пред година и некој месец, при што државата ја оставиле со уништени темели.
„СДСМ на овие избори настапуваат со слоганот „се бориме за нашиот дом“. И сè е тоа фино, ама забораваат дека пред година и три месеци тие управуваа со домот. И она што го затекнавме не беа нарушени туку уништени темели“, рече Мицкоски.
Тој потсети на низа проблеми кои, според него, ги наследила актуелната влада:
- Неисплатени плати за вработените и неисплатени субвенции за земјоделците.
- Половина милион граѓани (секој трет човек) живееле со по 150 денари на ден.
- Двоцифрена инфлација и руиниран животен стандард.
Секојдневни сведочења во Владата за барани аванси и провизии од луѓе во време на власт на СДСМ за да им се заврши работа.
Мицкоски се осврна и на улогата на ДУИ за време на претходната власт.
„ДУИ беа господарите кои одлучуваа за целата економија, за тендерите, купуваа трговски центри, бензински пумпи и што уште не“, истакна Мицкоски.
Тој потсети на инцидентот со функционери кои „лаконски и мирно си играа фудбалче и даваа кошеви“ во државните канцеларии, додека народот страдал за корка леб.
„Сега нивната борба е за враќање на ова време кое народот веќе еднаш го порази. Тоа време на народот не му носи ништо добро“, заклучи Мицкоски.