Мицкоски од Брисел: Сакаме ЕУ, ама не по цена на уцени!

Премиерот Христијан Мицкоски, од срцето на Европа – Брисел, испрати јасна порака: Македонија нема да прифаќа ултиматуми, без разлика колку е силна нејзината проевропска ориентација.

„Сакаме ЕУ, сакаме соработка со сите соседи, но не по цена на националното достоинство,“ рече Мицкоски. Тој потенцираше дека земјата е мирољубива и малобројна, но доволно достоинствена да не дозволи повторно понижување. Според него, уставните измени и други барања мора да се темелат на заемно почитување, а не на еднострани диктати.

Мицкоски исто така ги повика лидерите од соседството на вистински дијалог, без омаловажување и навреди, како што, според него, се случувало во изминатиот период. Добрососедските односи, вели тој, не се градат со закани и притисоци, туку со искрена волја за европска иднина на целиот регион.

„Доста беше само ние да попуштаме. Ако нема јасна гаранција за членство, нема да влегуваме во наивен процес во кој повторно ќе испаднеме единствените губитници“, категоричен беше Мицкоски.

Изјавите доаѓаат во клучен момент за македонските евроинтеграции, но и во период кога се актуелизираат дебатите за уставните измени и идентитетските прашања. Се чини, новата Влада нема намера да продолжи по старите шеми – овојпат, пораката е гласна и јасна.