Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Неготино одговори на обвинувањата од Бујар Османи (кандидат за градоначалник на Чаир од НАИ) кој го нарече албанофоб и човек што ги мрази Албанците.
Мицкоски категорично отфрли дека е албанофоб, но истакна дека е криминалофоб, кој ги презира политичките криминалци кои се збогатиле на грбот на граѓаните.
„На секој митинг ги слушам од раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како ме нарекуваат ваков, таков, па споменуваат орли, зајаци, за да последно ме наречат албанофоб. Еве, јас тука од Неготино, би сакал и на нив да им одговорам. Јас не сум албанофов ниту, пак, човек што е ксенофоб… Но, да. Јас сум криминалофоб и презирам политичките криминалци што во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери,“ изјави премиескиот претседател.
Мицкоски смета дека со овие изјави ДУИ и нивните коалициски партнери сакаат да играат на етничка карта и сметаат дека народот ќе заборави што правеле изминатите 20 години на власт. Тој посочи дека за тоа време „градеа дворци, купуваа трговски центри, скапи деловни простории во центарот на Скопје, автомобили „мајбах“, сето тоа на грбот на народот.“
„Е, јас сум тоа, криминалофоб и ќе одговарате сите од прв до последен за криминалот што го направивте,“ порача Мицкоски.
Претходно, Бујар Османи ја објасни својата изјава за албанофобијата на премиерот, по неговите критики кон ДУИ и најавите дека лидерот Али Ахмети ќе оди во политичка пензија по локалните избори.
Османи ги наведе следниве аргументи за албанофобијата на Мицкоски:
- „Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците.“
- „Во неговиот тим нема ниту еден Албанец.“
- Го укинува „балансерот“ зашто сака да ги тргне Албанците од институциите.
- „Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите.“
Османи додаде дека е вознемирувачко тоа што омразата на Мицкоски се проектира и меѓу граѓаните, но најави дека нема да дозволи тоа да се случи во општината Чаир.