Мицкоски од Пустец: Македонците во Албанија се доказ дека идентитетот не се брише

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа“, што се одржува во општината Пустец, Албанија, каде живее значителна македонска заедница. Во своето обраќање, Мицкоски упати силна порака за припадност, достоинство и поддршка за Македонците надвор од границите на матичната држава.

„Пустец е доказ дека припадноста не се брише. Дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. И дека постојат луѓе што не чекаат благодарност, туку само можност да продолжат онаму каде што другите би се откажале“, истакна премиерот.

Тој им се заблагодари на Македонците во Пустец за, како што рече, „тишината исполнета со сила“, за тоа што останале свои и што достоинствено го чуваат својот идентитет.

„Ветувам дека оваа држава ќе знае да ви возврати со почит, со работа и со постојана поддршка. Да живее секој што со достоинство го чува својот идентитет. Да живее заедништвото што не признава граници, туку само вистински вредности“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека денес, повеќе од кога било, се води битка за македонскиот идентитет.

„Сме сведоци како не негираат, како сакаат да не претворат во нешто што не сме, да го оспорат сè што е македонско. Но токму тука, во Пустец, гледам голема инспирација да продолжиме да ги поддржуваме Македонците насекаде во светот“, рече тој, нагласувајќи дека македонскиот јазик е уникатен и дека македонскиот народ има многувековна самобитност.

Мицкоски порача дека Македонците во Албанија се лојални граѓани на таа земја, но и дека во него и во Владата ќе имаат пријател и братска поддршка.

„Македонија, по седум години понижување и ограбување од политичари кои за среќа сега се минато, денес доживува национална и економска ренесанса. Ние не сме ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби. Ние сме Македонци – тука, во Албанија и насекаде во светот“, заврши Мицкоски.