Мицкоски повика на национално единство од прославата за Светите Кирил и Методиј: Не барам единство за сè, туку за најважните прашања

На свечената прослава по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, одржана во црквата „Света Софија“ во Охрид, премиерот Христијан Мицкоски упати повик за национално единство, нагласувајќи дека тоа е клучно за справување со надворешните притисоци и внатрешните поделби.

„Не барам единство за сè, туку за најважните прашања. Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики“, истакна Мицкоски. Тој повика на мобилизација на креативниот потенцијал на нацијата за заедничка иднина, мудро постапување и енергија за промени.

Во својот говор, Мицкоски се осврна на значењето на делото на Светите Кирил и Методиј, нарекувајќи го „најголемиот подарок – писмото, словото, гласот на нашиот идентитет“. Тој ги цитираше и мислите на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Гане Тодоровски и Ѓорѓија Пулевски, истакнувајќи ја нивната улога во развојот на македонската нација, јазик и култура.

Премиерот предупреди на опасностите од надворешни напади, блокади и негирања кои, како што рече, повеќе од 30 години се насочени кон разјадување на темелите на македонското постоење – знамето, народот, химната, јазикот и културата. Тој истакна дека таквите отстапки не би биле возможни доколку не постоеле „пукнатини во нашите редови“.

Мицкоски повика на единство меѓу власта и опозицијата, нагласувајќи дека само преку заедничко делување може да се искористат шансите што ги нуди историјата за приклучување кон големите европски и светски процеси. Тој апелираше да се надминат внатрешните поделби и да се избегне попустливост пред надворешните предизвици.

Прославата во Охрид беше одбележана со присуство на државни и црковни претставници, академици и дипломати, кои ја истакнаа важноста на делото на Светите Кирил и Методиј за македонскиот идентитет и култура.