Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на увид во градежните активности на стариот струмички театар „Антон Панов“ во Општина Струмица. Тој истакна дека по „7 години кочење“, конечно започнува доизградбата на театарот.
Мицкоски потенцираше дека Владата продолжува да ги поддржува општините, без разлика на политичката припадност.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините… Сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини“, рече премиерот.
Тој посочи дека иако Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднела проект што ги исполнува условите, во вториот повик поднела неколку проекти, главно за асфалтирање и реконструкција на улици, и сите тие биле одобрени и ќе бидат финансирани од Владата.
Мицкоски заклучи дека Владата ќе продолжи да работи и да испорачува, исполнувајќи ги ветувањата дадени пред граѓаните.