Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека Скопје е „загубен во дневната политика“ и дека жртви на тоа се граѓаните.
На партиски промотивен настан за кандидатот за скопски градоначалник, Мицкоски нагласи дека мора да има одговорност за „упропастениот град и оставениот хаос“. Тој истакна дека на Скопје му се неопходни многу работа, посветеност и „вистински луѓе на вистински места“, посочувајќи дека Орце (Ѓорѓиевски) е вистинскиот избор.
Мицкоски најави нов пристап во работењето, со повеќе теренска работа и формирање силни, компактни тимови кои ќе соработуваат на централно и локално ниво.
„Тука сме за да работиме, а не да глумиме политика. Одговорноста пред граѓаните не е опција, туку обврска“, порача Мицкоски.