Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, преку објава на неговиот Фејсбук профил.
„Среќен 9 Мај – Денот на Европа! Денес го славиме мирот, единството и заедничките вредности што не обединуваат како европски народи. Нека овој ден ни биде потсетник дека преку дијалог, солидарност и почит кон различноста можеме да изградиме подобра иднина за сите,“ порача Мицкоски.
Тој додаде дека за Македонија, Денот на Европа не е само симболика, туку и поттик за посилна посветеност кон европските вредности, реформи и напредок.
„Нашиот пат кон Европската унија е пат на достоинство, работа и надеж. Македонија припаѓа во Европа со својот идентитет, култура и визија за иднината! Обединети во различноста, силни во заедништвото,“ истакна Мицкоски.
Во својата објава, Мицкоски потсети и на огромната жртва што македонскиот народ ја дал во борбата против фашизмот.
„Победата над фашизмот беше резултат и на саможртвата на илјадници македонски партизани кои ги положија своите животи за денешната слобода и ја продолжија илинденската борба за Македонија. Методија Андонов Ченто, Петре Пирузе Мајски, Михајло Апостолски, Павел Шатев, Мирче Ацев, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош, Ибе Паликуќа, Елпида Караманди, Кузман Јосифовски – Питу и многу други вградени се во темелите на нашата државност.
Пред нивното дело се поклонуваме со огромна почит. Победата над фашизмот е наше право, а почитта кон тоа – наша обврска,“ заврши премиерот Мицкоски во својата честитка.