Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека СДСМ и ДУИ подготвуваат таен план за уривање на изборниот процес. На партискиот настан „Четири години работа за тебе“, тој ги обвини двете партии дека преку „инфлација од независни кандидатури и фантомски листи“ сакаат да го збунат гласачот и да го прикријат нивниот претстоен пораз на локалните избори.
„Зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДС и ДУИ – нивните луѓе распределени се во судството, изборната комисија и институциите – се во коалиција за да го спречат поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.
Пофалби за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и критики за другите
Мицкоски ги пофали актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ за сработеното во изминатите четири години, истакнувајќи дека немаат ниту една афера зад себе. Тој најави и понатамошна соработка со локалната власт.
Сепак, не ги изостави критиките кон градоначалници кои, иако тој лично се заложил за нив, не ја оправдале довербата и ги изневериле вредностите на партијата. Тој конкретно ги спомена градоначалникот на Скопје и на една скопска општина.
„Лекцијата е научена. Жалам што за нив го вложив мојот личен кредибилитет… Но секое искуство е драгоцено за да не се повтори грешката“, рече Мицкоски, додавајќи дека партијата сега ќе настапи со „сигурни кандидати и сигурни луѓе“.