Мицкоски: Ќе номинираме нови имиња по напуштањето на Таравари и неговото крило

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, најави дека во наредниот период ќе бидат номинирани нови имиња на местото на кадрите од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, кои излегоа од владината коалиција.

„На синоќешниот Извршен комитет разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во земјата. Очекувам до крајот на месецот да излезам пред членовите на ИК со предлози за кандидати за градоначалници, а потоа истите ќе бидат презентирани пред Централниот комитет. Членовите на ИК ме овластија во наредниот период да номинираме нови имиња, кои ќе ги заменат оние што одлучија да преминат во редовите на ДУИ и Али Ахмети, односно во партијата на Таравари,“ изјави Мицкоски.

На новинарско прашање дали ресорите што ги напушти Алијансата ќе останат во ВМРО-ДПМНЕ или ќе се прераспределат, Мицкоски повика на трпеливост, истакнувајќи дека во следниот период ќе бидат појасни многу работи и изрази уверување дека ќе се постигне договор.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница го овласти Мицкоски да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијанса за Албанците, по напуштањето на коалицијата од страна на Таравари.

„Овој чекор на Таравари е уште еден доказ дека групата која ги штити криминалот и корупцијата се проширува – уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена. На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист,“ информираа од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително посочија дека „ДУИ со години инвестираше во создавање на лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари – партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача.“