Тренерот на атлетичарот Дарио Ивановски, Игор МС Јакимовски, објави дека ова ќе биде неговата последна објава за СП во Токио и дека ќе ги преиспита своите идни чекори во спортот.
Јакимовски се осврна на скандалот што се случи пред неговото заминување, кога му била стопирана акредитацијата за Светското првенство. Тој тврди дека за тоа е одговорна претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФСМ), која наводно ја направила федерацијата „приватна имовина“ и ја злоупотребувала за пресметки со неистомисленици.
Според Јакимовски, претседателката лично креирала имејл со кој било побарано да не му се издаде акредитација, што тој го нарекува „погазување на националните интереси“.
Јакимовски тврди дека и покрај скандалот, успеал да се снајде во Токио, со поддршка од јапонскиот народ. Тој ја обвини претседателката дека не ги посетувала спортистите на натпреварувањата и дека постојат сомнежи за финансиски злоупотреби.
Тој изрази разочарување од македонските спортски авторитети, кои, како што вели, го поддржуваат во „војната против АФСМ“, но јавно молчат и го оставаат сам во борбата.
„МИ СЕ СМАЧИ САМ ВО ОВАА БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА!!!“, напиша Јакимовски, нагласувајќи дека повеќе не сака сам да се бори за спортска правда.
На крајот, тој порача дека ќе навива претседателката да го издржи целиот мандат без да биде сменета, бидејќи смета дека никој нема да се најде да го спречи „националниот срам“.