Младинските организации на СДСМ и Сириза потпишаа декларација за соработка

Младинскиот огранок на СДСМ, СДММ, и младинската организација на грчката Сириза, СИ.РИЗ.А Младите, потпишаа заедничка декларација за соработка и солидарност. Во заедничка објава на социјалните мрежи, лидерите Трајче Стојчевски и Панос Лабринидис Стахтос се повикаа на Преспанскиот договор како основа за ново пријателство

​Двете организации го истакнаа Преспанскиот договор како „историски чекор напред за мир, меѓусебно признавање и регионална стабилност“. Тие нагласија дека Договорот отворил нови можности за соработка меѓу Грција и Северна Македонија, зајакнувајќи ги добрососедските односи и поддржувајќи го патот кон европска интеграција.

​„Го гледаме ова достигнување како позитивен пример за тоа како прогресивните сили на Балканот можат да се спротивстават на национализмот и како дијалогот, компромисот и меѓусебно прифатливите решенија можат да донесат трајни придобивки за нашите народи, особено за помладите генерации“, се вели во објавата на Инстаграм.

​СДММ и младината на СИ.РИЗ.А најавија дека ќе разменуваат искуства, ќе ја зајакнуваат билатералната поддршка и ќе градат нови мостови на соработка во име на европската иднина и демократијата.