Мојсова Мијовска: Време е за нова енергија во Карпош, со суштинска промена и претпријатие за хигиена

Кандидатката за градоначалничка на Карпош од СДСМ, д-р Маја Мојсова Мијовска, најави визија за нов почеток и темелна трансформација на општината, порачувајќи дека „Карпош е нашиот дом“.

​Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат, меѓу кои: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, преполни паркинзи и недостиг на зеленило и простор за децата.

​Програмата на Мојсова Мијовска се базира на инклузивност, транспарентност, зелена енергија и развој на младиот потенцијал.

​Мојсова најави реконструкција на секој кварт, вклучувајќи нови паркови, осветлување, дрвореди и детски игралишта. Таа вети системски пристап во грижата за зеленилото, како и подобрување на водоводната и канализациската мрежа. Како дел од инклузивноста, најави јавни консултации, транспарентна администрација и поддршка за мали бизниси и иновации.

​Меѓу особено значајните проекти се:

​Младински културен спортско рекреативен центар.

​Изградба на нови детски градинки во Влае, Нерези и покрај Вардар, со цел да се стави крај на листите на чекање.

​Ново општинско претпријатие и монтажни паркинг платформи

​За решавање на хаосот, Мојсова најави формирање на сопствено претпријатие за хигиена, паркинзи и јавен ред во Карпош, кое ќе биде опремено со специјализирани возила.

​За проблемот со паркирањето, таа вети дека во најоптоварените зони (Лептокарија, Влае, Карпош 4, кај Воената болница) ќе се постават монтажни паркинг платформи со бесплатен паркинг за жителите на општината.

​Кандидатката, како лекар, истакна дека ништо не се решава со одложување и дека секоја криза бара знаење и тимска работа.

​„Сега е време да ги споиме зборовите со дела. Да гласаме за број 5, за надеж, за доверба, за нашиот дом Карпош. Број 5 за Карпош што го сакаме“, порача Мојсова Мијовска.