Мојсова Мијовска: Време е за обнова на довербата и враќање на Карпош на патот на развојот

Кандидатката за градоначалничка на Општина Карпош од СДСМ, д-р Маја Мојсова Мијовска, се обрати пред своите сограѓани на трибина, заедно со кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, и носителот на советничката листа, Владимир Бислимовски.

​Мојсова Мијовска нагласи дека во еден „искрен настап“ говореле за она што граѓаните реално го чувствуваат: потребата од одговорно и домаќинско управување и локална самоуправа што работи за сите.

​„Говоревме за иднината на Карпош – за инфраструктурни проекти, урбанистички решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните, за зелени површини, подобри услови во градинките и училиштата, но и за тоа како Општина Карпош може да стане пример за транспарентно и отчетно работење“, истакна таа.

​Мојсова Мијовска особено ја истакна важноста на обединувањето.

​„Уште поважно – зборувавме за обединување. За тоа дека само заедно, со чиста намера и со јасна визија, можеме да ја вратиме општината во рацете на граѓаните“, порача таа.

​Главната порака од трибината беше едногласна: време е за обнова на довербата, за враќање на вредностите, за враќање на Карпош на патот на развојот.

​Таа ги повика граѓаните на 19 октомври да го направат вистинскиот избор и да гласаат за бројот 5, за „сигурна, чесна и одговорна локална власт“.

​„Јас сум Маја Мојсова Мијовска и заедно со вас, ќе го вратиме Карпош таму каде што му е местото – во срцето на граѓаните“, заврши кандидатката.