Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, изјави дека кај премиерот Христијан Мицкоски и Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност за преземање конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија по завршувањето на локалните избори.
На заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд, Муртезани потврди дека веќе постојат конкретни размислувања за тоа како да се пристапи кон проблемот. Сепак, тој не сакаше да открие повеќе детали, поради тоа што во моментов тече изборна кампања.
„Тоа што е битно и што е главната порака на ваквите изјави е дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност после изборите да се направат конкретни чекори за надминување на овој проблем… Целиот фокус сега е на изборната кампања и не може да се очекува тие размислувања да добијат форми на конкретни предлози,“ истакна Муртезани.
На средбата со министерот Странд, Муртезани разговараше за динамиката на билатералните односи, кои се градат врз доверба и заеднички европски вредности.
Муртезани го информирал финскиот министер за напредокот поврзан со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Тој потенцираше дека ова не е само финансиски инструмент, туку стратегија која ја приближува економијата и институциите на Северна Македонија до ЕУ.
„Со усвојувањето на Реформската агенда ние како Влада се обврзавме на темелни реформи во владеењето на правото, ефикансоста на јавната администрација, дигитализацијата и енергетската отпорност. Тоа не се апстрактни поими, туку конкретни чекори, кои ќе донесат подобар квалитет на животот на граѓаните,“ рече Муртезани.
Министерот изрази благодарност за принципиелната и доследна поддршка од Финска, нагласувајќи дека финските искуства се исклучително значајни за европскиот пат на земјата. Посебно ја истакна соработката преку твининг проекти, со најава за проширување во области како дигиталната трансформација, медиумите и иновациите.
Двајцата министри констатирале дека процесот на проширување е стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот регион, при што Муртезани ја пофали позицијата на Финска дека проширувањето мора да се темели на заслуги.