​Мустафа Хајрулахи ги отфрла обвинувањата, тврди дека случајот е конструкција

Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, ги отфрли сите наводи од обвинението поднесено против него од страна на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип.

​„Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал“, изјави Хајрулахи за МИА.

​ОЈО Штип денеска поднесе обвинение против Хајрулахи за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

​Хајрулахи изрази чудење што јавната обвинителка Татјана Кацарова не ги прифатила за сведоци вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, кои, како што рече, биле присутни на секој одржан состанок. Наместо тоа, како сведок била прифатена јавната обвинителка Фатиме Фетаи, која, според него, никогаш не присуствувала на ниту еден состанок.

​„Доказ за тоа се изјавите на другите вработени кои што доброволно се пријавија и секој од нив достави име, презиме и адреса, со цел да бидат повикани“, рече Хајрулахи.

​Според Хајрулахи, обвинението против него е реакција на неговите неодамнешни јавни настапи, каде обзнанил дека против поранешните обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, е поднесена кривична пријава од МВР за случај познат како „Рекет 2“.

​Тој тврди дека обвинението е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Фатиме Фетаи, петте вработени и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, со цел да се заштитат обвинетите во предметот „Бонусите во СЈО“ и да се пренасочи вниманието од скандалот со прислушувањето.

​„Интенцијата е јасна, а тоа е да си ја спасат својата кожа т.е. да се спасат од „Бонусите во СЈО“… Исто така, Љупчо Коцевски да биде во сенка од последните скандали кои што одекнаа по однос на прислушкувањето каде што тој е главен чинител на тоа прислушкување, бидејќи само тој бил задолжен за посебните истражни мерки“, нагласи Хајрулахи.

​ОЈО Штип утринава информираше дека обвинението е поднесено по целосно спроведена истражна постапка, а Комисијата за дисциплинска одговорност при ЈОРСМ уште во јуни донесе одлука дека Хајрулахи и уште еден јавен обвинител сториле тешки дисциплински повреди.