Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку видеообјава на социјалните мрежи ја истакна важноста на безбедносното партнерство со Европската Унија, нагласувајќи дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан што воспоставила ваков вид соработка со ЕУ.
„Државата не се брани со зборови. Се брани со сојузници, опрема и знаење. Заедничките вредности не се декларираат, туку се штитат и се живеат“, порача Муцунски.
Тој истакна дека преку ова партнерство државата добива поддршка во висина од 15 милиони евра за Армијата – средства што ќе бидат наменети за модерна опрема, обука, унапредување на комуникациските системи и зголемување на отпорноста кон нови закани.
„Кон што целиме? Посилна армија. Вистинска безбедност и сигурност за граѓаните. Европска интеграција што не е само збор, туку реалност“, подвлече министерот.
Муцунски додаде дека ова партнерство не претставува само симболичен потег, туку стратегија што се реализира со конкретни чекори.
Северна Македонија го потпиша Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство со Европската Унија минатата година во Брисел. Договорот го потпишаа министерот Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.