Муцунски и Кос разговараа за проширувањето на ЕУ и реформите во Македонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

​Двајцата соговорници ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, што, според МНРНТ, е потврдено и со најновиот „Евробарометар“.

​На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено во исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Министерот Муцунски истакна дека евроинтеграциските реформи остануваат високо на агендата, со фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

​Муцунски изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено за нејзината поддршка на Самитот за Планот за раст, што се одржа неодамна во Скопје.

​Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на земјата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година.

​Тие разговараа и за актуелните регионални и глобални случувања, при што ја потврдија заедничката поддршка за Украина и заложбата за постигнување праведен и одржлив мир.