На Универзитетската клиника за неврохирургија е извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад. Оваа операција е прва во земјава изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство, зголемувајќи ја безбедноста и ефикасноста на хируршките интервенции.
Специјалистот по неврохирургија д-р Благој Шунтов, кој раководеше со тимот, појасни дека оваа напредна техника овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време. Со користење на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата.
Хируршкиот тим го сочинуваа:
- Хирурзи: д-р Благој Шунтов, д-р Мирко Мишел Мирчевски и д-р Влатко Атанасов.
- Анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, мс Ирена Стојанова, мс Гордана Мицковска и мс Даниела Делова.
- Инструментарки: мс Маја Спировска и мс Наташа Мирчевска.
Операцијата помина без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии. Примената на оваа техника потврдува дека македонското здравство е посветено на воведување на најновите медицински технологии.