Народната банка ги задржува каматните стапки на исто ниво

На редовна седница на Извршниот одбор на Народната банка, донесена е одлука за задржување на каматните стапки на досегашното ниво. Каматната стапка на благајничките записи останува 5,35%, додека стапките на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на 3,95% и 4%.

​Оваа одлука, како што се наведува, е резултат на внимателен пристап кон монетарната политика, земајќи ги предвид економските услови и ризиците од домашното и надворешното опкружување.

 

​Народната банка ги задржува каматните стапки на исто нивоГодишната стапка на инфлација во август забави на 4,4%, но сепак останува над проектираното ниво. Се очекуваат помали увозни ценовни притисоци, но неизвесноста поради геополитичките тензии и климатските промени останува.

​Состојбата на девизниот пазар е стабилна. Девизните резерви на крајот на август изнесуваат 4.754,4 милиони евра, што е доволно за одржување на стабилноста на денарот.

​Во вториот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза на 3,4% на годишна основа, што е малку повисоко од очекувањата. Овој раст произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот има мал негативен придонес.

​Народната банка истакнува дека ќе продолжи да ги следи движењата кај макроекономските показатели и да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.