Народната банка и ИФЦ со заеднички активности ќе ги унапредуваат дигиталните финансиски услуги

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со Висар Перани, претставник на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во Македонија. Средбата беше посветена на можностите за продлабочување на соработката меѓу двете институции, особено во областа на дигиталните финансиски услуги и финансиската вклученост.

Во фокусот на разговорот беше тековниот проект на ИФЦ за развој на напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем во регионот. Проектот има за цел поддршка на иновациите, јакнење на капацитетите на финансиските институции и создавање конкурентна и инклузивна средина за корисниците.

Гувернерот Славески ја истакна улогата на Народната банка во поддршка на дигиталната трансформација преку современа регулатива и активности што поттикнуваат финтек-иновативност. Тој особено го нагласи значењето на новата правна рамка за платежни услуги, која овозможи пазарно отворање за нови даватели на услуги и развој на иновативни решенија.

Народната банка е подготвена за натамошна соработка со ИФЦ, со фокус на интеграцијата на домашните даватели на платежни услуги со европските платни системи по приклучувањето во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата стратегија за платниот систем.

Претставниците на ИФЦ, пак, го нагласија значењето на усогласувањето со меѓународните регулативни стандарди и поттикнувањето на партнерства меѓу банките, финтек-секторот и приватните компании.

Од Народната банка велат дека оваа средба претставува важен чекор во градењето стратешко партнерство со ИФЦ за зајакнување на домашниот финансиски екосистем и проширување на пристапот до дигитални финансиски услуги за сите граѓани.