Алијансата подготвува амбициозни планови за зголемување на воените капацитети – Германија ќе биде повикана да придонесе со уште седум бригади, што значи околу 40.000 дополнителни војници, јавува Ројтерс повикувајќи се на висок воен извор.
Според истиот извор, НАТО има намера да ја зголеми вкупната цел за бројот на бригади од сегашните 80 на најмалку 120 до 130 – зголемување за околу 50%. Ова ќе биде дел од новите цели за вооружување и трупи, кои треба да бидат договорени на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки следната недела.
Од германското Министерство за одбрана велат дека не можат да коментираат за можното зголемување на обврските кон НАТО, ниту за конкретните одлуки што ќе бидат донесени. Портпаролот истакна дека целите и капацитетите на НАТО се доверливи од безбедносни причини.
Инаку, Германија веќе се обврза да обезбеди 10 бригади до 2030 година. Во моментов, има 8 активни бригади, а деветтата се гради во Литванија и треба да биде функционална од 2027.
Сепак, новите барања ќе бидат сериозен предизвик за Берлин. Бундесверот, германската армија, и понатаму има проблеми со пополнување на редовниот состав. Иако уште во 2018 година беше поставена целта од 203.000 војници, моменталниот број е околу 20.000 под оваа граница.
Очекувањата се дека темата ќе биде во фокус на претстојниот НАТО самит во Холандија кон крајот на јуни.