Најмалку 68 мигранти загинаа во бродолом, десетици сè уште исчезнати

Најмалку 68 мигранти го загубија животот откако брод со околу 150 лица потона покрај брегот на јужната јеменска покраина Абјан, соопштија здравствените власти. Несреќата се случила вчера рано наутро, при лоши временски услови.

Според Абдусатор Есоев, раководител на Меѓународната организација за миграција (IOM) во Јемен, на бродот се наоѓале 154 мигранти од Етиопија. Телата на 54 жртви биле пронајдени на брегот во округот Канфар, а уште 14 се пренесени во мртовечница во Зинџибар, главниот град на покраината Абјан.

Само 12 лица успеале да го преживеат бродоломот. Останатите мигранти се водат како исчезнати и се претпоставува дека не преживеале. Потрагата по преживеани сè уште е во тек, потврдија двајца здравствени работници ангажирани на терен.

Меѓународната организација за миграција предупредува дека бројот на нерегуларни мигранти кои пристигнуваат во Јемен од Африка е во постојан пораст. Илјадници луѓе годишно го преминуваат теснецот Баб ал-Мандаб, кој ги дели Џибути и Еритреја од Јемен, патувајќи на небезбедни и преполни бродови со надеж дека ќе стигнат до Саудиска Арабија и другите земји од Заливот во потрага по работа.

Организацијата го опишува овој пат како „еден од најпрометните и најопасните мешани миграциски рути во светот“. Според нивните податоци, во текот на минатата година над 60.000 мигранти пристигнале во Јемен.