Небото заплака над Кочани: 62 балони за 62 изгубени млади животи во „Пулс“

Во длабоко емотивна атмосфера и со болка што сè уште не стивнува, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан во чест на 62-та млади животи што трагично згаснаа во пожарот од 16 март годинава, во дискотеката „Пулс“.

Настанот беше организиран од Општина Кочани со поддршка од Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден — празникот на градот. Комеморацијата, која траеше повеќе од два часа, ја водеше актерката Наталија Теодосиевска, која преку збор и фотографија им оддаде почит на загинатите млади од Кочани, Оризари и Чешиново-Облешево.

Кулминација на настанот беше пуштањето 62 балони во небото, секој со име на една млада душа што прерано нè напушти. Тие балони ги пуштија деца — симболично, како глас на невиноста, болката и споменот што не избледува.

На присутните им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, кој со емотивни зборови повика на човечност, солидарност и правдина.

По завршувањето на комеморацијата, семејствата на загинатите, придружени од граѓани, тргнаа во протестен марш низ улиците на Кочани, носејќи фотографии и свеќи во знак на трајна љубов и незаборав.