Независните за Прилеп со план за спас на ФК Победа: Еко-Парк, Нов Стадион и Младинска Академија

Советничката листа „Независни за Прилеп“, предводена од носителот Иле Бачанов, излезе со емотивна и силна објава во која ветува спас и возобновување на ФК Победа Прилеп, која ја нарекува „душата на Прилеп“ и „симбол на градот“.

​Листата остро ја критикува досегашната негрижа на локалната власт, посочувајќи на „празни ветувања, запуштени терени, блокирани сметки и целосна незаинтересираност“.

​„ФК Победа не е само фудбалски клуб – тоа е душата на Прилеп, дел од нашата историја, нашето име и гордост! Но денес, овој симбол на градот е доведен до раб на исчезнување. Доста беше од молк!“, се вели во објавата.

 

​Пет точки за спас на клубот

​Независните за Прилеп претставија јасен план во пет точки за стабилизација и враќање на клубот:

  1. ​Општинско тело за спас: Формирање тим составен од Општина Прилеп, поранешни фудбалери, спортски работници и навивачи, со задача за стабилизација и возобновување.
  2. ​Транспарентен фонд: Создавање финансиски фонд под општински надзор, во кој ќе учествуваат јавните претпријатија, локалните фирми и граѓаните.
  3. ​Реконструкција на стадионот „Гоце Делчев“: Обнова на стадионот преку модел на јавно-приватно партнерство и општинска координација, со цел Прилеп да добие современ фудбалски дом.
  4. ​Младинска академија „Победа“: Воспоставување систем за развој на млади фудбалери, за децата повторно да го сонуваат црвено-белиот дрес.
  5. ​Враќање на навивачкиот дух: Организација на спортски манифестации и општински настани за да се врати масовната поддршка и љубовта кон Победа.

​„Ова не е само спортски проект – ова е план за враќање на градската гордост. ФК Победа е симбол што не смее да згасне! Прилеп без Победа не е Прилеп“, заклучуваат Независните, повикувајќи ја Општината да застане зад клубот.