​„Независни за Карпош“ ќе излезат со граѓанска листа на локалните избори

​Иницијативата „Независни за Карпош“ објави дека на претстојните локални избори ќе учествуваат со граѓанска листа. Во соопштението се наведува дека остануваат посветени на самостојното делување, бидејќи тоа им овозможува да бидат пофлексибилни и да се фокусираат на секојдневните потреби на граѓаните во општината.

​„Независни за Карпош“ се повлекуваат од плановите за заедничко формирање политичка партија со други независни иницијативи. Според нив, приклучувањето кон партија е последна опција, а сè додека постои можност да се задржи независноста, тие ќе ја искористат.

​Иницијативата им посака успех на сите новоформирани партии и независни листи, истакнувајќи дека остануваат отворени за соработка со сите граѓански иницијативи и чинители со кои делат заеднички интереси. Тие нагласија дека конфузијата и неизвесноста создадени од партиите нема да ги одвратат од нивната визија за квалитетен живот на граѓаните на Карпош.