Неизвесноста околу иднината на Лионел Меси во репрезентацијата на Аргентина расте по неговата изјава дека не знае дали ќе игра на следното Светско првенство.
По збогувањето со домашните навивачи на натпреварот против Венецуела, Меси ги шокираше Аргентинците со изјавата дека целата логика налага дека нема да биде дел од тимот за Мундијалот.
Селекторот Лионел Скалони не успеа да ги утеши навивачите. Напротив, тој изјави дека и самиот не знае каква ќе биде одлуката на Меси.
„Мислам дека навистина не би било исправно сега да зборуваме за проценти, бидејќи искрено кажано, ни јас не знам. Многу работи можат да се случат додека не дојде време за одлука“, рече Скалони. Тој додаде дека не разговарал со Меси на оваа тема и дека ќе ја почитува неговата одлука, каква и да биде таа.
Скалони изгледа не е загрижен за евентуалното отсуство на Меси, нагласувајќи дека тимот веќе има формирано јадро.
„Веќе го формиравме јадрото на тимот, сите го знаат тоа. Прво, да видиме колку играчи ќе можат да одат на Светското првенство, а потоа ќе одлучиме за составот“, изјави селекторот на Аргентина.