Нелогичноста на нечија логика

За да дојдам до поентата ќе ја фатам работата малку поназад, од 2014 година. Иако нити демографската слика тогаш беше иста со моменталната, нити пак достапноста на информациите која ја направи глобализацијата во последниве десетина години беше на ова ниво, сепак може да се повлече паралела и да се дојди до очигледен заклучок!

Во 2014, кратко пред Предвремените парламентарни избори бев избран за Секретар на Локалниот клуб на млади на СДММ – Прилеп и ќе си земам за слобода да кажам дека бев добро упатен во состојбите на Општинската организација. Атмосферата беше релативно тешка затоа што пред само една година доживеавме пораз на Локалните избори, но сепак поради промената на Претседателот на партијата, а следствено на тоа и на Општинската организација, владееше одреден ентузијазам вдахнат од промените. Резултатот беше нешто повеќе од 2000 гласа полош од тој на Локалните, но ако се има во предвит силната кампања со Отпорот во 2012 која претходеше на Локалните, како и квалитетот на кандидатот од една страна и краткиот период на новото Раководство за консолидација на исцрпеното членството посебно после маратонските Конгреси и поделеноста на Бранковисти и Заевисти, со право може да се каже дека резултатот од 16807 гласа за СДСМ во Прилеп беше солиден и добра база за во иднина!

По изборите во 2014 следеше веројатно најтурбулентниот период на Македонската политичка сцена од осамостојувањето, “бомбите” и проектот “Вистината за Македонија” предводен од Претседателот Заев кој донесе силна надеж за промени, за кршење на прангите на политичкиот режим на Груевски, ја врати довербата во членството и цврсто ја позиционира Партијата во пресрет на издејствуваните Пржински Предвремени парламентарни избори во 2016г. Во тој момент состојбите ги следев како Секретар на Општинскиот изборен штаб на СДСМ во Прилеп! Резултатот беше јасно во нагорна линија, па од скромните 16807 за две години достигна високи 23978 гласа во Прилеп за СДСМ.

После Парламентарните следуваше мачниот период во кој иако Претседателот Заев обезбеди мнозинство мандати во Собранието, Груевски беше решен грчевито да се бори за опстанок, период од кој како производ резултираше 27ми Април и упадот во Собранието што се покажа како пресвртна точка после која работите се придвижија во насока на формирање на Влада на СДСМ, прв пат после 2006 година!

Во смисла на тоа, енергијата кај членството беше на исклучително високо ниво, оптимизмот до плафон, работната дисциплина на највисоко ниво од моето зачленување во Партијата во 2008 година.

Се разбира тоа резултираше со Градоначалник во Прв круг со 23607 гласа, Градоначалник на Прилеп од редовите на СДСМ прв пат од 2005 година и 15 Советнички мандати. Во аналитичка смисла резултатот би значел дека тоа е повторување на резултатот од една година претходно на Парламентарни или “плафон” за СДСМ во Прилеп!

Од тој момент па натаму, предизвикан од повеќе фактори, од турбулентната надворешна политика на Владата, Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, високите очекувања наспроти недоволно брзо испорачаните резултати, лошата кадровска политика, разочарувањето од претходно најавената а не реализирана “метла” во 2019 од страна на Премиерот Заев доведе до сериозен пад на бројот на гласови на Парламентарните избори во 2020 година или изразено во бројки, од 23607 на 17074. Што би рекол мојот двегодишен син Данило – бамбеееее!

И покрај ваквиот резултат СДСМ успеа да формира Влада, но тоа ни малку не резултираше со враќање на довербата внатре во членството! Напротив, овие “итриве” сфатија дека сега следи “попари – окуби” период и дека за следна Влада предводена од СДСМ ќе треба да почекаме, па затоа по примерот на БМВто од Сватот на Жика во “Жикина династија” – колата киниса надолу со завидна брзина по принципот – може да се вози ал неможе да се заустави!

Наместо Раководството да ги увиди грешките кои беа главен фактор за лошиот резултат, кога велам Раководство подеднакво мислам и на Централното и на тоа на Општинската организација, тоа реши да не ја менува “понудата” сметаќи дека членството ќе се задоволи со “дај шта даш”. Со таквиот пристап и со непроменет начин на водење на Државата и Партијата ги пречекавме Локалните во 2021 година и пак – бамбеееее!

Сега на 14655 гласа или близу 10000 гласа во минус за само 4 години!

Своевиден редорд!

Премиерот си поднесе оставка од двете позиции, како Премиер и како Претседател на владеачката во тој момент СДСМ.

Ќе речи човек – ајле ако е за фајде!

Не бре како доста!

Новото раководство на чело со Ковачевски во ист ритам, со иста кадровска понуда, да не се шири кругот, да не се освежат кадрите иако имаше цели три години до следните избори, реши дека ќе “презими” и спремно исто како што “Македонија пат” секоја зима го пречекува снегот – ќе ги пречека Парламентарните 2024.

И логично – бамбеееееее!

Ама бамбеее, асли бамбе – 8455 гласа!

Би рекол под секое ниво на достоинствен пораз во Прилеп!

Е после ова си реков, мајку му, па од ова тешко дека можи полошо! Ваљда сега ќе се консолидира партијата, ќе се сруши ругобата и ќе се гради нова, модерна, заснована на цврсти темели Партија, небаре ја проектирал Кензо Танге по 63та!

Утрово се будам и гледам Раководството и на Централно и на Локално ниво решило да му ја тера по старо! Тоа што граѓаните го препознаа како лоша политика до денес, тоа што членството е десеткувано и истото “на колена” моли за промени, тоа што сите здраворазумни апелираа само и исклучиво на разумност во носењето на одлуките – тоа не е важно, одиме со истата понуда, со истите кадри кои ја доведоа партијата до ова дереџе!

Да се вратам на поентата која ја ветив на почетокот, а ќе ја претставам со една поучна вистина која одамна ја имам во главата како животна филозофија:

Кога го прашале големиот Алберт Ајнштајн да им даде дефиниција за будала тој им рекол – будала е човек кој повеќе пати прави иста работа очекуваќи различен резултат!

Значи ние преку понудата која не се менува и останува иста, креирана од истата матрица и зготвена во истите кујни, свесно одбираме да бидеме будали!

И после резултатот – бамбеееееее ?!?!

До каде бе дечки, каде е дното ?!?!

Се разбира дека тоа не важи за сите, за неколкумина од Листата наши драги сопартијци, чесни, почитувани и лојални на Социјалдемократската идеологија, луѓе со цврст интегритет имам највисоко мислење, но освен тоа што на нивните плеќи ќе падни товарот не мислам дека можат да ја променат големата слика!

Затоа, овде подвлекувам црта и потсетувам, за евентуален лош резултат одговорност и вина ќе треба и мора да се побара од Раководството, ако сакаме во иднина… море ако сакаме воопшто иднина!!!

Ќе завршам во мој стил, со строфа од култната “Živeti slobodno” на Балашевич:

“Dokle, bre, da nas voza zli čarobnjak iz Oza?
Dokle taj glupi džoker: Ćuti, dobro je… Ma nije!
I čitav plen da skupe, pa ne mogu da vas kupe
Da vam mladost kao sitan kusur odbroje…”

 

Пишува: Никола Багески