Антивладини демонстранти во Тбилиси пробија метални огради и упаднаа во дворот на претседателската резиденција доцна вечерта на денот на локалните избори во Грузија. Според локалните медиуми, специјалните сили употребија бибер-спреј за да ја растераат толпата.
За да се зачува јавниот ред и мир, дополнителни безбедносни сили беа преместени во центарот на главниот град од неколку делови на Тбилиси, објави РИА Новости.
Пред упадот, Муртаз Зоделава, член на опозициската партија „Обединето национално движење“, им порача на десетиците илјади луѓе собрани на Плоштадот на слободата во Тбилиси дека следниот чекор ќе биде „заземање на претседателската палата“. Ова се случи откако организаторите на протестот објавија дека „власта се вратила кај народот“, пренесе локалниот портал „Цивил Џорџ“.
Опозицијата тврди дека станува збор за „мирна револуција“ најавена за денот на локалните избори, додека владејачката партија „Грузиски сон“ вели дека зад инцидентите стојат внатрешни и надворешни актери.
Локалните избори се одржуваат истовремено во 64 општини и региони низ целата земја. Граѓаните избираат градоначалници на пет самоуправни градови – Тбилиси, Кутаиси, Батуми, Рустави и Поти – како и градоначалници на 59 општини и советници на локалните собранија. Во изборниот процес учествуваат 12 политички партии, додека дел од опозицијата најави бојкот.