Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција изјави дека жителите на Газа го молат Израел да ги ослободи од контролата на Хамас. Тој повтори дека целта на Израел не е окупација, туку ослободување на Појасот Газа.
„Нашата цел не е да ја окупираме Газа, нашата цел е да ја ослободиме Газа. Војната може да заврши утре ако Хамас го положи оружјето и ги ослободи сите преостанати заложници“, изјави Нетанјаху. Тој нагласи дека Хамас одбива да го стори тоа, поради што Израел „нема друг избор освен да ја заврши работата“.
Според него, по завршувањето на војната, Газа ќе биде демилитаризирана, а потоа ќе следи воспоставување на „неизраелска цивилна администрација“.
Воена ситуација и хуманитарна помош
Нетанјаху информираше дека Израелската одбранбена армија (ИДФ) има „околу 70 до 75 проценти од Газа под воена контрола“. Тој посочи дека преостанале „две упоришта“ на Хамас во градот Газа и централните кампови, кои владата наредила да бидат уништени.
Коментирајќи ја хуманитарната ситуација, премиерот тврдеше дека Израел дозволил испорака на два милиони тони помош, додека повеќето хуманитарни организации наведуваат дека тоа е далеку под неопходното. „Доколку имавме политика на гладување, никој во Газа немаше да преживее по две години војна“, рече Нетанјаху. Тој го обвини Хамас за ограбување на камиони со помош, а Обединетите нации (ОН) за недистрибуирање на храната што „скапува“ на границата.
На крајот, Нетанјаху најави дека наскоро ќе бидат дозволени „повеќе странски новинари“ да влезат во Газа. Тој истакна дека постои проблем со безбедноста, но смета дека тоа може да с е реши.