Одбележувајќи ја втората годишнина од нападот на палестинската милитантна група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера вети дека ќе продолжи да ги остварува воените цели на Израел.
„Нашите крволочни непријатели нè удрија силно, но не нè скршија“, рече Нетанјаху во изјава цитирана од израелските медиуми. „Кој и да крене рака против нас добива невидени удари“, додаде тој, пренесе ДПА.
Нетанјаху истакна дека Израел е „во денови на историска одлука“ и вети дека ќе продолжи да дејствува „на секој начин за да ги врати сите заложници – и живите и оние што беа убиени“.
Премиерот ги наведе трите главни цели на војната кои мора да бидат постигнати:
- „Враќањето на сите наши заложници.“
- „Елиминирањето на владеењето на Хамас.“
- „Обезбедувањето дека Газа никогаш повеќе нема да претставува закана за Израел.“
Нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година доведе до смрт на околу 1.200 луѓе и земање на повеќе од 250 заложници во Газа. Се смета дека Хамас сè уште држи 20 живи заложници, заедно со телата на повеќе од 20 други.