Нетанјаху: Признавањето на Палестина е награда за тероризмот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека палестинска држава „нема да се случи“, а земјите што ја признаваат даваат „огромна награда на тероризмот“.

​Во видео-изјава, Нетанјаху испрати јасна порака до лидерите што ја признале Палестина по нападот од 7 октомври, нагласувајќи дека нема да има палестинска држава западно од реката Јордан.

​Нетанјаху најави дека израелскиот одговор на новите признавања ќе дојде по неговото враќање од САД следната недела. „Почекајте“, порача тој, нагласувајќи дека Израел го удвоил бројот на еврејски населби на окупираниот Западен Брег и дека ќе продолжи да го прави тоа.

​Официјално, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија ја признаа државата Палестина. Денеска се очекува и други западни земји, како Франција, Белгија и Нов Зеланд, да ја признаат палестинската независност на меѓународна конференција на високо ниво во рамките на Генералното собрание на ОН.

​Во моментов, околу 75% од земјите-членки на ОН ја признаваат Палестина. Од ноември 2012 година, таа има статус на држава набљудувач во Генералното собрание на ОН, но без право на глас.