Нетранспарентна и правно спорна одлука на Владата за избор на судија во ЕСЧП, алармира Блупринт групата

Блупринт групата за реформи во правосудството остро реагира на одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која е поништена листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и е најавено повторување на постапката. Според нив, оваа одлука е нетранспарентна, без образложение и спротивна на правно утврдената процедура, што ја доведува во прашање легитимноста на целиот процес.

„Се работи за важен тест за правната зрелост и демократскиот капацитет на државата. Одлуките донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура, го нарушуваат меѓународниот углед на земјата“, се вели во заедничкото соопштение.

Блупринт групата потсетува дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на Советот на Европа, што е задолжителен чекор пред Владата да одлучува за судиските кандидати. И покрај тоа, Владата ја поништи листата без да објасни зошто ја смета за несоодветна, иако самата претходно формирана Комисија ги одбра кандидатите како соодветни.

Ова, според граѓанските организации, остава сомнеж за политичко мешање во стручниот процес, и фрла сенка врз независноста на правосудството и почитувањето на владеењето на правото.

Организациите потсетуваат дека Советот на Европа бара јасна, јавна и транспарентна процедура, со јавен повик, објавени биографии и образложени одлуки за секое отстапување од препораките. Македонија, со оваа одлука, покажува оддалечување од тие стандарди.

Во соопштението се вели и дека со оваа постапка се дискредитираат и тројцата предложени кандидати, но и самата Комисија која е составена од претставници од правосудството.

Блупринт групата повикува на итно образложение од Владата и транспарентно продолжување на постапката, во согласност со европските стандарди.

Реакцијата е потпишана од:

Институт за човекови права (ИЧП)

Институт за европска политика (ЕПИ)

Коалиција „Сите за правично судење“

Македонско здружение на млади правници (МЗМП)

Хелсиншки комитет за човекови права

Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)