На денешната прес-конференција, заменик-претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Ема Нешковска, остро ја критикуваше Владата предводена од Христијан Мицкоски за драматичниот раст на инфлацијата и економската несигурност што ја чувствуваат граѓаните.
„Инфлацијата на годишно ниво достигна алармантни 4,8 проценти. Тоа не е карактеристика на ’четвртата економија во Европа‘, туку на економија што тоне,“ изјави Нешковска, повикувајќи се на последните податоци од Државниот завод за статистика.
Според неа, цените на основните прехранбени производи растат, животот станува сѐ потежок, а илјадници семејства едвај преживуваат. Родители, како што рече, се приморани да прават секојдневни математики за да изберат дали да платат сметки или да купат храна за своите деца.
„Додека народот живее на леб и сол, владините функционери се луксузираат со папаја и манго,“ рече Нешковска, алудирајќи на отуѓеноста на власта од реалните проблеми на граѓаните.
Таа додаде дека владата наместо да „анализира“ и одолговлекува, треба веднаш да ги прифати конкретните предлози на СДСМ, меѓу кои се:
- Укинување на ДДВ за храна
- Зголемување на минималната плата,
- Покачување на платите во останатите сектори.
„Не требаат нови кошнички и празни анализи. Има готови решенија, само треба политичка волја“, истакна Нешковска.
Таа го повика премиерот Мицкоски да престане со игнорирање на реалноста и да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
„Сметката секој ден ја плаќаат граѓаните. Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на народот мора да заврши,“ заклучи Нешковска.