Нешковска: Само 11 милиони денари за изгорен Кочани – додека 4 милиони евра одат за фантом-фирма во МВР

Потпретседателката на Форумот на жени на СДСМ, Ема Нешковска, жестоко реагираше на односот на власта кон жртвите и преживеаните од пожарот во Кочани, обвинувајќи ја за незаинтересираност, ароганција и расипничко трошење на јавни пари.

„30 милиони денари за цел град уништен во оган? И од нив исплатени само 11,2 милиони?! Што душа имате, бе луѓе?“ – праша Нешковска во објава упатена до јавноста, потенцирајќи го недостатокот од емпатија и институционална поддршка.

Таа ја критикуваше власта дека обврските ги претставува како великодушност, наместо како должност. „Го слушате ли плачот на родителите од децата кои починаа, го слушате ли крикот на преживеаните?“, праша Нешковска, повикувајќи на итна акција во интерес на граѓаните на Кочани.

„Овие луѓе имаат потреба од човечност, од емпатија, од сериозна, институционална и финансиска поддршка – а не од ПР-изјави и статистики за кои мислите дека некој ќе ви се заблагодари“, порача таа.

Во обраќањето, таа го постави прашањето каде завршуваат средствата што Владата ги зема како кредити. „Унгарскиот кредит е веќе потрошен. Британскиот кредит – рекорден, од 6 милијарди евра. Се градат патчиња кои водат во ќор-сокак само за да се замачкаат очи пред избори“, додаде таа, предупредувајќи на недостиг на системска помош и одговорност.

Особено остро реагираше и на одбивањето на владејачкото мнозинство да го поддржи законот предложен од СДСМ за директна помош на настраданите. „Во нормални држави, по вакви трагедии се носат итни закони со фокус на човекот, а не се водат политички инаети“, истакна Нешковска.

Според неа, додека преживеаните се лекуваат во импровизирани услови, се бањаат во кофи и живеат од донации, државата троши 4 милиони евра за набавка на униформи во МВР од фирма со двајца вработени, без седиште, регистрирана само 20 дена пред тендерот.

„Мизерно. Бездушно. Недостојно“, заклучи Ема Нешковска.