Во Прилеп, како и во цела Македонија, секој изборен циклус носи иста слика – кандидатите се јасно одредени, обоени во партиски бои. Нивните ветувања се како отпечатени на иста машина, а нивната лојалност, се чини, е повеќе кон партиската централа отколку кон народот. Но, што ако постои и трет пат? Пат без партиски стеги, без инструкции од централи, пат кој води кон решавање на реалните проблеми, а не кон исполнување на партиските агенди.
Навистина, не е сѐ во обоените, има нешто и во независните.
Ако ја погледнеме светската историја, најголемите иновации и промени често доаѓале од „гаражите“ на независните умови, а не од канцелариите на големите корпорации.
Впрочем, Стив Џобс и Стив Вознијак го направија првиот Apple компјутер токму во гаража, не како дел од некој голем гигант. Тие не беа обврзани со корпоративни правила, туку со страст и визија.
Истото важи и за политиката. Партиските кандидати, колку и да се чесни, често се ограничени. Тие се дел од систем кој неретко ги става своите интереси пред интересите на граѓаните.
Како независен кандидат за градоначалник на Прилеп, мојата единствена партија е градот, а моите единствени членови сте вие – прилепчани. Немам централа, немам шефови, немам партиски долгови.
Имам само визија за подобар Прилеп и желба да работам за сите вас.
Верувам дека вистинските промени доаѓаат од луѓето, од срцето на заедницата. А токму тоа е силата на независниот кандидат. Тој не носи партиски бои, туку ја носи довербата на народот. Тој не работи за партијата, туку за градот и за граѓаните…
Пишува: Ѓорѓија Игески