Никола Маџиров ја доби меѓународната награда за поезија „Поезија и луѓе“ во Кина

Македонскиот поет Никола Маџиров е лауреат на 17-тото издание на меѓународната награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award), која викендов му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу.

​Ова престижно признание, кое се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија, претходно го добиле нобеловците Дерек Волкот и Томас Транстромер, како и лауреати на „Струшките вечери на поезијата“, меѓу кои Адонис, Адам Загајевски и Томаж Шаламун. Никола Маџиров е најмладиот досегашен странски добитник на наградата.

​Во образложението на жирито се истакнува дека поезијата на Маџиров е „длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија“. Жирито нагласува дека тој „зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети“ и дека неговото пишување е „двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното“.

​Според жирито, Маџиров пишува со „немилосрдна искреност“ и преку „безграничната имагинација“ дава глас на скриениот јазик.

​На свечената церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу, Маџиров ја прими наградата која се состои од скулптура инспирирана од негов стих, објавена книга на кинески јазик и паричен износ. За време на настанот, премиерно беше изведена композиција според неговата песна „Оној што пишува“, а имаше и драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“.

​Ова е трето меѓународно признание за Маџиров оваа година, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија и признанието „Почесен гостин“ на фестивал во Словенија.