Николовски бара истрага за злоупотреба на тајните служби

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, денеска побара од Обвинителството да отвори истрага за наводна злоупотреба на тајните служби. Преку објава на социјалните мрежи, тој нагласи дека расчистувањето на случајот е клучно за демократијата во земјата.

​Николовски потсети на сомнежите од времето кога беше во опозиција, дека тогашната власт на СДСМ и ДУИ, заедно со претседателот Стево Пендаровски, ги злоупотребувала тајните служби за следење и прислушување.

​„Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала“, напиша тој.

​Според Николовски, целта на ваквите дејствија била политичка дискредитација, која, како што вели, не им успеала. Тој истакна дека со промените на минатогодишните избори, се отворил патот кон расчистување на состојбите во тајните служби.

​„Повикувам, Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби“, порача Николовски.