Пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција побара итни и стручни анализи на почвата и водата во Трубарево по големиот пожар. Тој нагласи дека ова е неопходно бидејќи регионот е земјоделски и произведува храна.
„После една ваква хаварија која што ни се случи… задолжително е институциите, министерствата и научните институции веднаш да ги направат неопходните анализи и на водата и на почвата, се со цел да ги знаеме и тие резултати“, изјави Николовски.
Тој додаде дека граѓаните имаат право да ја знаат вистината и да бидат сигурни дека нема контаминација.
„Власта мора да престане да ги лаже граѓаните“
Николовски ја обвини власта дека ја лажела јавноста дека загадувањето на воздухот е во нормални граници, додека експертските анализи покажале спротивното.
Според него, Владата има одговорност да ги заштити граѓаните, а не да ја префрла вината на други. „Власта мора да ја прекине праксата дека се она што ќе се случи во нејзино време, не може некој да биде друг крив“, рече Николовски.