Кандидатот за советник во Град Скопје од СДСМ, Емил Николовски, на прес-конференција го обвини кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, за „90% лаги“ во неговите тврдења за реализација на програмата во Општина Кисела Вода. Николовски посочи дека Ѓорѓиевски, кој четири години неуспешно управувал со Кисела Вода, сега сака „својата неработа да ја прошири кон цело Скопје“.
Николовски тврди дека од 30 капитални ветувања во изборната програма, Ѓорѓиевски нема испорачано ниту едно.
СДСМ претстави конкретни примери за ветувања кои, според нив, никогаш не станале реалност:
„Туристичко Драчево“ – Ветуваше ревитализација на старата чаршија, уредување на пешачки зони и културна понуда. Наместо тоа, населбата останала запуштена, без реконструирани фасади, без осветлување и без туристичка понуда.
Зелени покриви – Ветуваше субвенции и проекти за изградба на зелени покриви на јавни и станбени објекти како мерка против загадувањето. Не само што не е имплементиран ниту еден зелен покрив, туку не постои ниту еден јавен повик за оваа мерка.
Спортски и инфраструктурни објекти – Ветуваше велосипедски патеки, катни гаражи, базени и спортски сали, но четири години подоцна, според Николовски, има само рендери и фотографии, но ниту еден реален објект.
„Во меѓувреме, јавните пари се трошат на сомнителни тендери и раскошни ПР кампањи, додека граѓаните живеат во депонии, прашина и мрак. Кисела Вода стана симбол на застој и корупција“, рече Николовски.
Тој заклучи дека Скопје не е експериментална зона за нови лаги и заслужува вистински план, отчетност и работа за граѓаните.